„Порше Македонија“ го претстави новиот TIGUAN Елегантен спортски придружник за секоја пригода

2016-05-13

Совршено обмислен од првиот до последниот милиметар, овој автомобил е предвесник на една нова ера во автомобилската индустрија.   

 Компанијата "Порше Македонија" денеска во салонот на Порше Скопје го претстави новиот модел на Volkswagen Tiguan, спортско возило кое поставува нови стандарди во поглед на дизајнот, комфорот и функционалноста што еден автомобил може да ги понуди.

"Денеска ја претставуваме втората генерација на Tiguan, којшто не е само редизајнирана верзија на првичниот модел, туку нуди целосно нов изглед и концепт. Новиот Tiguan е оптимално дизајниран и произведен за да ги задоволи вкусовите и на најпребирливите љубители на спортско корисните возила (SUV). Совршено обмислен од првиот до последниот милиметар, тој им е достапен на милионите возачи и на нивните семејства како простран и флексибилен придружник за нивните секојдневни приватни или службени потреби. Накратко, новиот Tiguan е возило за сите намени кое е предвесник на една нова ера во автомобилската индустрија." - изјави г-дин Александар Цветковски - Volkswagen Продукт Менаџер.

"Токму поради бројните иновации вградени во новиот модел, ова возило веќе ги освојува симпатиите на возачите, но и на стручната јавност. Пред еден месец Tiguan ја освои наградата "Дизајн трофи 2016" што секоја година ја доделува специјализираниот германски магазин за автомобили "Авто Цајтунг" за најуспешните нови развојни решенија во автомобилизмот. Освен со "Дизајн трофи", новиот Tiguan годинава се закити со уште едно престижно признание. Читателите на угледниот европски автомобилски магазин "Ауто билд" го избраа Tiguan за "Автомобил на годината со погон на сите четири тркала", награда што ова возило ја освојува по петти пат од лансирањето на првиот модел во 2007 година." - додаде г-дин Владимир Димитровски, Бренд Менаџер на Volkswagen.  

Во однос на дизајнот, стручните лица на Volkswagen направиле револуција наместо еволуција. На прв поглед, овој автомобил импресионира со елегантниот спортски дизајн кој зрачи со моќ и авторитет. Новата MQB платформа која се користи ексклузивно само кај возилата на Volkswagen ги подобрува сите аспекти на овој автомобил. Споредено со неговиот претходник, новиот Tiguan е подолг за шест сантиметри, поширок за три сантиметри и понизок за исто толку,  но и полесен за 50 килограми. Возилото има значително поширок преден дел од претходниот модел. Тоа се должи на физичкото зголемување на ширината, плус визуелниот ефект на предната решетка за воздух и предните светла кои се поставени хоризонтално. Tiguan е првиот SUV на Volkswagen со ЛЕД светла кои придонесуваат предниот дел да биде особено впечатлив. Дел од новиот дизајн се и бројните аеродинамични подобрувања, како што се на пример новите ретровизори чиј отпор во воздухот е намален за 40 отсто.

Џиновски скок напред е направен во однос на внатрешниот простор на возилото и багажниот простор кои се многу поголеми. Багажниот простор на новиот Tiguan има капацитет од 615 литри, а доколку задните задните седишта се преклопени, карго капацитетот достигнува и до 1.655 литри. Зголемена е и моќноста на моторите, која се движи од 115 коњски сили до 240 коњски сили, во зависност од моделот. Иако моторите се помоќни од претходниот модел, сепак тие се за 24 отсто поекономични во однос на потрошувачката на гориво. Oвие карактеристики се дополнети со огромен капацитет за влечење приколка тешка и до 2.500 кг., како и со еден од најдобрите системи за погон на сите четири тркала 4MOTION  кој доаѓа како дополнителна или стандардна опрема. Токму овој систем овозможува удобно и безбедно возење, без разлика дали станува збор за on-road или off-road, но и без оглед на временските услови.  

Системите за помош вградени во овој автомобил нудат совршена удобност на возилото, динамика и безбедност. Овој СУВ на 21 век нуди зголемена безбедност не само за тие што се возат во него, туку и за другите учесници во сообраќајот - други возила, пешаци, велосипедисти. На стандардниот систем за сопирање се додадени неколку нови безбедносни системи, меѓу кои и Front Assist (систем за намалување на ризик од фронтален судар) кој вклучува и итно сопирање во град и детектирање на пешаците. Новата стандардна опција во овој систем е сигнализирање при напуштањето на коловозната лента со систем за предупредување. Заштитна опрема е заокружена со седум воздушни перничиња, вклучувајќи и воздушно перниче за колената на страната на возачот.

 

Новиот Tiguan е еден од најнапредните спортски автомобили во светот со импресивна низа иновации кои го прават електронски совршен. Технологиите вградени во него се целосно дигитализирани и реагираат на допир. Има вграден 12,3-инчен интерактивен информациски дисплеј, како и забавен систем со многу поголеми и подобрени можности за вмрежување.  

Освен on-road и off-road моделите, Фолксваген неодамна го претстави и Тигуан ГТЕ со хибриден погон и потрошувачка на гориво од 1,9 литри на 100 километри.