Новите Arteon и Polo промовирани и пред македонската публика

2017-10-31

Во присуство на голем број пријатели и гости, Порше Македонија синоќа во ресторанот "Four" дел од комплексот Парк Хотел и Спа одржа промоција на најновите модели на Volkswagen Arteon и Polo.

Присутните не останаа рамнодушни кон овие два модели кои од сега се достапни и на нашиот пазар. Тие имаа можност одблизу да се запознаат со ентериерот и екстериерот на овие два нови автомобили и да ги откријат нивните моќни перформанси.

"Работејќи во време на постојан технолошки напредок, со задоволство го прифаќаме предизвикот на новите генерации, на нивните потреби и барања, одговараме испорачувајќи нови модели и поставувајќи нови стандарди во автомобилската индустрија.

 

Двата автомобили се различни и неспоредливи, но сепак исти во својот врвен квалитет, современ дизајн и софистицирана технологија. Едниот ќе ги помести границите во автомобилскиот свет, а другиот ќе им посака добредојде на една нова генерација млади, динамични луѓе" - изјави Златко Муцунски, генерален директор на Порше Македонија.

Привлечноста на Arteon не остана незабележана бидејќи таа освојува уште при првата средба. Ова е автомобил кој има аеродинамични контури, прозорци без рамка, впечатлив заден дизајн, а нивото на опременост на R-Line содржи дополнителни детали на екстериерот кои што ги нагласуваат овие динамички елементи.

Издолжените контури на Arteon и долгото меѓуоскино растојание му даваат многу карактеристичен профил и чувство на изобилство на простор каде и да седите. Обвивачката хауба и страничните прозорци без рамка се особено привлечни и зрачат со квалитет и елеганција во стилот на класична спортска лимузина.

Написот на Arteon на задната страна го одржува ветувањето. Гарантирано ќе привлекува погледи и ќе остава траен впечаток. Името е земено од латинскиот збор за уметност и алудира на кохерентните, естетски линии на дизајнот.

Покрај овој автомобил кој плени со неговата елеганција Volkswagen гордо го презентираше и својот миленик Polo. Семеен автомобил кој постојано изненадува и ги поместува границите на удобност, економичност и функционалност. Со новото Polo, Volkswagen го поставува најнапредниот мал автомобил на патиштата. Технологијата значително се истакнува кај овој модел, или поточно, системите за асистирање на возачот. Благодарение на MQB платформата, Polo содржи мноштво на системи за асистирање кои досега можеа да се најдат само кај автомобилите од високите класи. Помеѓу останатите системи, новото Polo е опремено и со ограничувач на максималната брзина на движење во град, со што би се одбегнало пребрзо возење.